11 Октомври 42-а, 1000 Скопје
Градот Скопје, во соорганизација со Шаховскиот сојуз на град Скопје, во хотел Контитнентал во Скопје, од 06-12.12.2023 година го одржа меѓународниот турнир „Скопје Опен 2023“ на кој, на „Б“ турнирот (за играчи со рејтинг послаб од 2000 поени), настапија 150 шахисти, меѓу кои и повеќе шахисти со инвалидност, (слепи и слабовидни, со телесен инвалидитет и цивилни инвалиди од војната).
Мобилност Македонија ја претставуваа Јанчо Ѓорѓевски од Куманово, Даниел Нунески од Пештани, Горан Војновски од Кочани и младиот Александар Стојчевски од Скопје.
На „Б“ турнирот, поред редовната награда за освоено прво, второ и трето место, беше доделена и посебна награда „Крум Митковски“ на најдобро пласираните шахисти со инвалидност. Меѓу нив, првото место и награда од 350 евра ја освои Зоран Костадиновски од Скопје (слабовиден шахист) со освоени 7 поени од можни 9, второто место и награда од 250 евра му припадна на Јанчо Ѓорѓевски од Куманово (лице со телесен инвалидитет) со освоени 6 поени, а третото место и награда од 150 евра на Горан Војновски од Кочани (лице со телесен инвалидитет) со освоени 5,5 поени.
Инаку, во редовниот пласман од „Б“ дивизијата, од лицата со инвалидност најдобар пласман оствари Зоран Костадиновски кој го освои 5-то место на табелата со освоени 7 поени од 9 можни, Јанчо Ѓорѓевски се пласираше на 18-то место со освоени 6 поени, Горан Војновски на 42-то место со 5,5 поени, Жарко Селковски на 52-ро место со 5 поени, Стефан Мелник на 60-то место со 5 поени, Зејнеп Ѓулеруз од Турција на 78-то место со 4,5 поени, Даниел Нунески на 83-то место со 4,5 поени, Александар Стојчески на 100-то место со освоени 4 поени, Костов Коста на 130-то место со 3,5 поени, Саит Северџан на 139-то место со 3 поени и Слободан Делев на 146-то место со освоени 2,5 поени.
Средства за учество на шахистите од Мобилност Македонија беа обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика, од средствата за финансирање на програмските активности на сојузот за 2023 година.