11 Октомври 42-а, 1000 Скопје
На 01.12.2023 година, во „Порта Македонија“ беше одржана Изложбата на уметнички дела од 12. Меѓународна ликовна колонија „Охрид 2023“, во организација на Мобилност Македонија, а со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика.
Изложбата за отворена ја прогласи министерката за труд и социјална помош, Јованка Тренчевска, која истакна дека министерството ги препознава и поддржува програмските активности на Мобилност Македонија, а истакна дека ќе се заложи уметничките дела, како овие, така и тие од претходните години, да бидат изложени во повеќе галерии и донаторски изложби во повеќе градови, а се со цел делата да се отуѓат, а средствата да се рефинансираат за нови активности од областа на културата и уметноста на лицата со телесен инвалидитет.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, и се заблагодари за одвоеното време и внимание на министерката Тренчевска, и истакна дека сојузот и министерството одамна имаат изградено партнерски односи и во непосредна комуникација се трудат да ги подобрат правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во државата.
Професорот Зоран Јакимовски, преседател на Одборот за ликовна колонија при Мобилност Македонија во својот говор ги истакна заслугите за развивање на креативност и сплотеност помеѓу авторите со и без инвалидитет и особено придобивките од заедничкото творење за време на колонијата кога едните учат од другите, но и се мотивираат и дополнително инспирираат да создадат поубави и посодржајни дела. Исто така го претстави нашиот член Тома Димовски, кој најпрвин дипломираше, а оваа година и магистрираше на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а токму одржувањето на ова програмска активност и учествата на неа, сигурно за него беа дополнителна инспирација и поттик.
Мобилност Македонија донесе одлука да и подари на министерката Тренчевска една слика од Тома Димовски, наречена „Градски автобус“ како знак на благодарност за поддршката што ни ја пружа, но и како симбол дека лицата со телесен инвалидитет без оглед на тежината на инвалидитетот, со соодветна поддршка можат мошне успешно да творат и активно да се вклучат во сите пори на општествениот живот во државата.