11 Октомври 42-а, 1000 Скопје

sport telesni invalidi

На 13.06.1965 во инвалидското одмаралиште Сутјеска во Охрид беше одржана оснивачка конференција на Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија во состав на Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите на Југославија. За прв претседател е избран Бојко Затенко, а во понатамошниот тек на работењето за претседатели биле бирани Реиз Шаќири, Киро Менков, Ангел Мојсовски, Проф.д-р. Никола Христов, Бранимир Јовановски и Коце Димов.

Особена заслуга за развојот на спортот на инвалидите во Република Македонија имаат стручните лица кои долги години работеа на спроведувањето на спортските програми во улога на спортски работници, особено Панче Пандилов, секретари Славко Јовевски, Ивица Гласновиќ, Саво Герасимовски, Темелко Дојчиноски, како и сегашниот секретар на НФСРИСМ – ПКСМ, Драган Дојчиноски.

Федерацијата ги прилагодувала своите акти и го менувала својот назив согласно законските прописи во врска со Законот за здруженија на граѓани и фондации, Законот за инвалидски организации и Законот за спорт. Денес полниот назив на организацијата е: Национална Федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки Комитет на Северна Македонија.

Мисија, цели и активности

Националната Федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски Параолимписки Комитет е спортска, доброволна, општествено-хуманитарна организација, формирана 1965 година, чија основна цел е да ги развива, креира, обединува и репрезентира спортско-рекреативните активности на сите инвалидизирани лица на територијата на Република Македонија, без оглед на видот, степенот и карактерот на инвалидноста, како и причините за настанување на инвалидитетот. Покрај запишувањето во Регистарот на Здруженија на граѓани и фондации, и регистарот на национални инвалидски организации, од страна на Агенцијата за млади и спорт, НФСРИМ – МПК има добиено Решение за обавување на дејност спорт, согласно Законот за спорт.

Националната Федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски Параолимписки Комитет (во понатамошен текст НФСРИМ – МПК), својата активност ја спроведува согласно своите норми, пропозиции и критериуми како и нормите, пропозициите и критериумите на Меѓународниот параолимписки комитет чија членка е од 1994 година кога на Генералното Собрание во Токио со акламација е примена за редовна членка.

НФСРИМ – МПК при организирање и спроведување на своите активности тесно соработува со Агенцијата за млади и спорт на РМ, Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, Сојузот на спортски федерации на Македонија. НФСРИМ – МПК соработува и со други заинтересирани органи, организации и институции во државата и надвор од неа, заинтересирани за развојот на спортот на лицата со инвалидност.

НФСРИМ – МПК работи на масовна и систематска психофизичка рехабилитација со лицата со инвалидност по пат на спортување и спортска рекреација со цел за сочувување, јакнење и подобрување на здравствената состојба на преостанатите моторички способности кај инвалидизираните лица, како и нивно активно и рамноправно вклучување во општествениот и стопанскиот живот на Република Македонија. За што поуспешно извршување на програмските активности, НФСРИМ – МПК има формирано општински Сојузи за спорт и рекреација на инвалиди во 20 општини. Истите, според географската местоположба, се регионализирани во три региони. Со оглед на тоа дека се работи за спортска организација, голем дел од членовите се млади особи (14-30 г.) но за жал истите не се опфатени со тренажен процес во своите општини во доволна мера, пред се поради финансиските потешкотии во кои се наоѓа НФСРИМ – МПК, но и недостаток на стручни кадри и спортски објекти за спроведување на активностите.

Највисок орган на ФСРИМ е Собранието кое брои 35 претставници кои на конститутивната седница избираат претседател на ФСРИМ, Извршен одбор од 11 члена и Одбор за контрола од 3 члена. Изборни седници на Собранието се одржуваат на секои четири години, во годината непосредно по завршувањето на летните Параолимписки игри.

Спортската програма, Календарот на спортсдки натпревари, планирањето, организирањето и одржувањето на првенствата, разгледувањето на правилата и пропозиции по одделни спортови и категории на инвалидност се во надлежност на Стручната комисија која брои 5 члена.

Во рамките на Федерацијата делуваат 20 општински сојузи за спорт и рекреација на инвалидите и истите според географската местоположба се регионализирани во три региони со седишта на регионите во Скопје, Битола и Куманово:

  • Во првиот регион: „Кисела Вода“, „Чаир“, „Гази Баба“, „Центар“, „Карпош“ (сите од Скопје), Тетово и Гостивар.
  • Во вториот регион: Куманово, Велес, Штип, Кочани, Гевгелија и Струмица.
  • Во третиот регион: Битола, Прилеп, Кавадарци, Струга, Охрид, Ресен и Кичево.
е-пошта: contact@fsrim.org.mk
тел.: +389 2 3163 551
www.fsrim.org.mk