Национален Совет на инвалидските организации на Македонија
  www.nsiom.org.mk     Испечати ја страната   Прати ја на пријател
За НСИОМЦели и задачиРаководствоЧленки на НСИОМПрограма за работаАктивности на НСИОМАктивности надвор од земјата
Контакт
Национално координативно тело
Добредојдовте на веб страницата на Националниот Совет на инвалидските органицации на Македонија
   
  РЕПУБЛИЧКИ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА НА ЛИЦА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ - ПОРАКА

Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКАРепубличкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е граѓанска, родителска, национална, невладина и непрофитна организација која ги застапува правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Р. Македонија. РЦПЛИП – ПОРАКА е оформена во 1963 година, а во моментов обединува 20 локални организации во земјата.

Главните цели на РЦПЛИП – ПОРАКА:

  • Обезбедување законски можности за поттикнување на еднакво учество и вклучување на лицата со интелектуална попреченост во граѓанското општество;
  • Развивање на алтернативни сервисни служби во местото на живеење, според принципите за изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост;
  • Остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во граѓанското општество.

Дневен центар ПОРАКА Скопје - работни активности

Дневен центар ПОРАКА Охрид - работни активности

Принципи:

  • Подигнување на јавната свест;
  • Вклучување на лицата со интелектуална попреченост во секој аспект од животот;
  • Изедначување на можностите за лицата со интелектуална попреченост како еднакви граѓани во заедницата;
  • Обезбедување на семејна поддршка – соодветни сервиси и поддршка за семејствата со член со интелектуална попреченост во местото на живеење;
  • Самоопределување, донесување на одлуки од страна на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства;
  • Превенција од институционализација;
  • Подобрување на условите за живот во постоечките институции;
  • Деинституционализација на лица со интелектуална попреченост и нивно опфаќање во алтернативни сервисни служби.

Дневен центар ПОРАКА Радовиш - соработка со медиуми

Дневен центар ПОРАКА Кочани - дружење

Активности:

  • Иницијативи за подобрување на политиката за лицата со интелектуална попреченост на национално ниво;
  • Координација и стручно-методолошка помош на локалните организации;
  • Воспоставување на мрежа од алтернативни сервисни служби:
      - клубска работа и советување на родители во скоро сите локални организации,
      - дневни центри (посебни групи во редовните градинки) за деца со интелектуална попреченост од предучилишна возраст,
      - дневни центри за адолесценти и возрасни лица со интелектуална попреченост,
      - Создавање на предуслови за оформување на сервиси за самостојно живеење на лица кои ќе бидат извлечени од институции,
  • Комуникација и размена на искуства на европско и светско ниво, како рамноправна членка на Европската Инклузија и Интернационалната Инклузија.

Спортско - рекреативни активности

Кампањи за поддршка на лица со интелектуална попреченост

Членство:

РЦПЛИП – ПОРАКА е член на Европска Инклузија - Европска Асоцијација на национални здруженија на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, на Интернационална Инклузија – Интернационалната асоцијација на национални здруженија на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, и на ЕАСПД – Европска Асоцијација на оганизации - обезбедувачи на сервиси за лица со попречености.

Приоритети во однос на права од социјална заштита за лицата со интелектуална попреченост

Зголемување и развивање на поддршката на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

Државата треба да обезбеди социјална сигурност за лицата со интелектуална попреченост , преку остварување на правата од социјална заштита.

1. Остварување на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и за лица со умерена интелектуална попреченост.
За лицата со умерена интелектуална попреченост, како и лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост до 26-годишна возраст се остварува посебен додаток. Со наполнување на 26-годишна возраст, престанува остварувањето на посебниот додаток, а се продолжува со остварување на надоместок за помош и нега од друго лице, но само за лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост.
Лицата со умерена интелектуална попреченост се исклучени од остварувањето на овој надоместок, иако потребите не исчезнуваат со наполнувањето на 26-годишна возраст, туку напротив се зголемуваат.

2. Остварувањето на паричен надоместок за помош и нега од друго лице за лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост не смее да се врзува со приходите и имотниот статус на семејството. Обезбедување на услови за користење на постојана парична помош (Закон за социјална заштита, чл.21) или промовирање на ново лично право за лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, кои се прогласени за неспособни за работа . Ова лично право треба да се остварува по основ на попреченост, при што не треба да се земаат во предвид приходите и социо-економскиот статус на семејството.

3. Надоместокот за скратено работно време, обезбеден преку Законот за социјална заштита (чл.33), да биде достапен и за родителот кој не е во можност да заснова работен однос заради целодневната грижа за своето дете/лице со интелектуална попреченост. Надоместокот за скратено работно време, за вработените родители и за родителите кои не се во работен однос, да изнесува 50% од просечниот личен доход.

4. Надоместокот за сместување во друго семејство (чл.69) од Законот за социјална заштита да се обезбеди и за биолошките семејства на деца/лица со интелектуална попреченост.

Приоритети во однос на реформскиот процес на деинституционализација и креирање на алтернативни сервисни служби за лица со интелектуална попреченост

1. Забрзување на процесот на деинституционализација и неопходно развивање на мрежа на алтернативни сервисни служби во местото на живеење како замена за големите резиденциски институции (дневни центри, центри за времено опфаќање, сместување во друго семејство, социјални клубови, мали групни домови, самостојно живеење и сл.);
2. Намалување на капацитетот на резиденциски институции ;
3. Подобрување на условите и стандардот за живеење во резиденцијалните институции;
4. Развивање на чувството на вредност како личност кај корисниците кои живеат во институции преку воведување на индивидуална програма за раб ота со секој корисник сместен во институција, воведување на едукативна програма и соодветни видови на терапија и рехабилитација;
5.
Склучување на договори за партнерски односи помеѓу Владата на Р.Македонија и оние невладини организации кои имаат капацитет и кредибилитет за оформување и водење на сервисни служби .

Приоритети во однос на остварување на правото на образование за лица со интелектуална попреченост

1. Обезбедување на образование за сите деца/лица со посебни образовни потреби согласно нивните можности и способности, како основа за нивна успешна интеграција во сите области на животот;
2. Надополнување на правната регулатива со соодветни ресурси и позитивни ставови во обезбедување општи и дополнителни образовни програми , вклучувајќи ги лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост и за оние кои се сместени во институции;
3. Вклучување на деца/лица со интелектуална попреченост во редовни паралелки заедно со нивните врсници, во зависност од нивните способности и можности, согласно наод и мислење од верифицирана комисија за распоредување;
4. Изработка на индивидуални образовни програми за децата со посебни образовни потреби со поддршка од страна на дефектолог и други специјализирани лица, во соработка со родители;
5. Владата и локалните власти да соработуваат со невладините организации за да дојде до неопходна квалитативна промена;
6. Вработување на дефектолози во редовни училишта , како дел од стручен тим со цел за пружање на континуирана стручна помош;
7. Да се обезбеди професионално, работно ориентирање и оспособување на лица со посебни образовни потреби во основните училишта .

Приоритети во однос на остварување на права од здравствено осигурување и здравствена заштита за лица со интелектуална попреченост 

1. Мултидисциплинарен пристап кон потребата од остварување на правата од здравствената заштита за лица со интелектуална попреченост. Правилникот за проценката на специфичните потреби на лица со пречки во физичкиот и психичкиот развој да се спроведува и на локално ниво , а координирање на работата да биде преку еден републички центар . Комисиите да се формираат во медицинските центри, а учеството во работата на истите да е редовна работна обврска на тимот. Наодот и мислењето да вклучува листа на потреби и препораки за нивно остварување. Наодот и мислење да добие исти третман како дијагноза и прогноза во здравствените служби.
2. Да се развијат програми за превенција, рано откривање, дијагностирање и ран третма н за подобрување на општиот и здравствениот статус.
3. Законска регулатива за отварање на мрежа на центри за следење на растот и развојот на деца родени со ризик како важен предуслов за развој на потенцијалот кај секое дете.
4. Информирање, едукација и намалување на предрасудите на медицинскиот и парамедицинскиот персонал, обука на постоечкиот и идниот медицински персонал преку волонтерски програми .
5. Сервисни служби за поддршка на лицата со интелектуална попреченост во случај на потреба од секундарна здравствена заштита или рехабилитација . Вклучување на невладиниот сектор во креирање на ваков вид служби.
6. Бесплатна здравствена заштита за лица со интелектуална попреченост по основ на неспособност за самостоен живот и работа, без партиципација лекување и лекови. Ревизија на позитивната листа на лекови и достапност на лековите.
7. Советодавна поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства преку информација, едукација и обука. Кога е потребно, да се препорачува придружник при хоспитализација на лице со интелектуална попреченост во болнички услови, без ограничување на возраст .

Контакт информации:
Адреса: ул. "Орце Николов" 122, 1000 Скопје
Тел: 02/32-96-961
Е-mailporaka@mol.com.mk
Webwww.poraka.org.mk